На добрите вести за „Samsung“ оваа недела како да им нема крај. По кратките шпекулации за „непредвидена криза“ компанијата најави ново раководство, но и рекорден профит за изминатиот квартал.
Компанијата „Samsung“ ја опкружуваа шпекулации дека ќе западне во „непредвидена криза“ поради лошото раководство, но тие реагираа брзо и именуваа ново раководство.
Тројцата нови извршни директори се Ким Ки Нам, Ко Донг Џин и Ким Хјун Сук, кои ќе се грижат за одделите за хардверски делови, потрошувачка електроника и мобилни телефони.
Ова назначување на нови извршни директори дојде по оставката која ја даде претходниот вршител на таа функција, Квон Ох Хјун, на почетокот на овој месец.
„Samsung“ исто така најави рекорден профит за овој квартал од годината, заработувајќи околу 13 милијарди долари во оперативен профит, а тоталниот приход на компанијата во периодот од јули до септември оваа година изнесувал околу 55,4 милијарди долари.