Audi, Bentley, Mazda и McLaren се само некои од производителите кои инвестираат во научни истражувања од областа на развојот на синтетички горива за да понудат чиста алтернатива на класичните бензинци и дизели.
Маркус Шифер, експерт за истражување и развој во Mercedes, не верува во таква можност. Тој и неговата компанија се сосема јасни во својот избор – електрификација.
„Донесовме јасна одлука дека нашиот пат првенствено ќе биде електричен“, вели Шифер за Autocar и продолжува: „Кога развиваме нова платформа, прво размислуваме за електричен погон. Мораме да внимаваме на регулативите и однесувањето на корисниците, но тоа е нашиот главен пат“.
Својата резервираност кон синтетичките горива тој ја објаснува на следниов начин:
„Ако имате вишок енергија, најдобро е да ја чувате во батерија. Кога ја трансформираме зелената енергија во е-гориво, се случува процес во кој се губи многу ефикасност“.
Според Шифер, овие горива најпрво ќе можат да се комерцијализираат во воздухопловната индустрија, а подоцна можеби и во автомобилската индустрија.
Mazda во моментов работи на добивање течно гориво од микроалги, додека McLaren работи на создавање на СО2 неутрално синтетичко гориво за придвижување на своите „октански скапоцени камења“. Audi, од друга страна, уште од 2018 година произведува синтетичко гориво за тестови, и верува дека ова гориво ќе го продолжи векот на класичните мотори со внатрешно согорување.
Во принцип, со мешање на водород добиен со електролиза и јаглерод диоксид од атмосферата како и други елементи, се добива синтетичко гориво. Поради процесот на електролиза со која се добива водород, овие горива се нарекуваат и е-горива. Најголем проблем со синтетичките горива е големата загуба на енергија.