Русија за пет години ќе го заврши процесот на модернизација на својот нуклеарен арсенал. Армијата, меѓу другото, ќе добие ракети чии вкопани силоси ќе можат да го издржат првиот нуклеарен удар и да возвратат со втор удар.

Русија интензивно го модернизира својот нуклеарен арсенал. До 2024 година копнените единици нема да имаат повеќе нити една стара нуклеарна ракета или возило кое е произведено во СССР.

За таа цел државата уште на почетокот на минатата деценија издвои околу 360 милијарди американски долари.

Исто така Русија ќе го комплетира арсеналот на интерконтиненталните стратешки ракети со копнено базирање во рамките на концептот „нуклеарно одвраќање“.

Руски нуклеарни ракети

Лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета „Топољ-М“ од космодромот Плесецк.

Според податоците изнесени на сајтот „Стратешко нуклеарно вооружување на Русија“ до почетокот на новата деценија во Русија биле поставени 532 стратешки носачи чиј вкупен капацитет изнесува 2.100 нуклеарни полнења (што се вклопува во билатералниот договор СТАРТ-3 помеѓу Русија и САД за намалување на офанзивното вооружување).

Во овој момент Руската Федерација во својот арсенал ги поседува следниве ракети:

46 тешки ракета Р-36М2 (SS-18);

2 системи „Авангард“ (ракета УР-100НУТТХ, SS-19 Mod 4);

45 подвижни копнени системи „Топољ“ (SS-25);

60 системи „Топољ-М“ со вкопани силоси (SS-27);

18 мобилни системи „Топољ-М“ (SS-27);

135 мобилни и 14 вкопани системи со ракета РС-24 „Јарс“.

Се планира наскоро да бидат „отпишани“ ракетите Р-36М2 и „Топољ“. Нивното место ќе го заземат најновите ракети „Јарс“ (кои ќе бидат поставени како во шахтите на „претходните сопственици“, така и на мобилни лансери на тркала) и тешките ракети „Сармат“.

„Јарс“

„Оваа ракета е специфична по тоа што непријателските системи на противвоздушната одбрана не можат да ја предвидат патеката на нејзиниот лет. ‘Јарс’ не лета по класична парабола, ами се витка како змија во блискиот космос, со цел непријателот да не може да пресмета каде е нејзината цел“, вели за Russia Beyond поранешниот воен аналитичар на „Известија“ Дмитриј Сафонов.

Автономен лансер на мобилниот копнен ракетен систем „Јарс“

Според него, оваа ракета има сосема поинакви мотори од претходниот модел. Благодарение на тие „Јарс“ побрзо стартува од шахтата и постојано ги менува височината, правецот и брзината на летот на најблиските слоеви на атмосферата, па на тој начин ги збунува непријателските системи за ПВО.

„Друга важна особеност на Јарс е тоа што оваа ракета има шест самостојни самонаведувачки боеви глави кои се одвојуваат во текот на летот и секоја од нив лета ‘на своја адреса’“, додава Сафонов.

Секоја боева глава е тешка 100 килотони. За споредба, нуклеарното полнење што Американците го фрлија на Хирошима и на Нагасаки беа петпати послаби (приближно по 20 килотони).

„Сармат“

Оваа ракета која е тешка околу 100 тони може да прелета 17.000 километри. Конструирана е така што може да лета и над Јужниот пол, од каде никој не ја очекува и каде нема противракетен штит.

Тестирање на тешката интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“

„Ова оружје може да издржи нуклеарен удар зашто поклопецот на вкопаниот силос е заштитен од директен удар на ракетата. Системите за наведување се исто така заштитени од дејството на радиомагнетни бранови кои служат за попречување“, вели за Russia Beyond воениот аналитичар на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин.

„Сармат“ ќе има најмалку 15 одделни нуклеарни боеви глави со индивидуално самонаведување.

„Овие боеви глави се сместени во внатрешноста на ракетата како грозд од кој во определен момент се одвојуваат и летаат кон земјата со нуклеарно полнење со сила од 300 килотони“, додава експертот.

Извор: Russia Beyond