Илон Маск и голем број истакнати личности од технолошката индустрија потпишаа отворено писмо во кое повикуваат на враќање на Џенсен Хуанг на чело на „Nvidia“, само неколку дена откако тој поднесе оставка по скандал поврзан со вонбрачни афери. Писмото собра над 165.000 потписи, вклучително и оние на илјадници поединци кои тврдат дека се вработени во „Nvidia“.
Потписниците бараат од Одборот на директори повторно да го постави Хуанг на функцијата извршен директор, сè додека независна истрага не ги утврди сите околности околу неговото заминување. Во меѓувреме, американската администрација бара одговори во врска со можни прекршувања на забраната за продажба на напредни чипови на Кина, пренесува „Гардијан“.
Маск и истакнати раководители повикуваат на враќање на Хуанг
„Вратете го Џенсен додека независна истрага не ги утврди фактите“, се наведува во отвореното писмо упатено до Одборот на директори на „Nvidia“.
Покрај Маск, поддршка за враќањето на Хуанг дадоа и Тим Свини, основач и извршен директор на „Epic Games“, како и Гери Тан, претседател на „Y Combinator“ – познат американски акцелератор за стартапи.
Меѓу потписниците е и Тревис Каланик, коосновач на „Uber“, кој смета дека грешките на Хуанг не го оправдуваат неговото заминување од компанијата.
„Тој направи грешка, да. Човечки е да се греши. Но, не верувам дека што било што го направил, го оправдува неговото разделување од компанијата“, напиша Каланик.
Повеќе од 7.500 потписници се идентификуваа како вработени во „Nvidia“, што претставува приближно 18 отсто од работната сила на компанијата. Сепак, идентитетот на потписниците и нивната поврзаност со компанијата не се независно потврдени.
Наводно, Хуанг размислува за враќање
Според „Фајненшел тајмс“, Хуанг разговарал за можноста за враќање на позицијата извршен директор со луѓе блиски до него.
Еден од неговите сојузници изјави дека група влијателни раководители од Силиконската долина се организираат за да се обидат да го убедат Одборот да го врати Хуанг. Тие, исто така, планираат да побараат поддршка и од Белата куќа.
„Сите што се важни во технолошката индустрија – со исклучок на лабораториите што ги развиваат најнапредните модели на вештачка интелигенција – го сакаат Џенсен“, изјави извор за „Фајненшал тајмс“.
Според изворот, Хуанг ги поддржува овие напори.
Двајца големи инвеститори во „Нвидиа“ (Nvidia), Бред Герстнер и Гевин Бејкер, исто така го повикаа одборот на директори да не ја исклучува можноста за враќање на Хуанг.
Поднесе оставка по откривањето на две вонбрачни афери
Минатиот четврток, Хуанг ја напушти компанијата што ја основаше во 1993 година и со која раководеше 33 години.
Неговото заминување уследи по откритијата во медиумите за најмалку две вонбрачни афери.
Едната се однесуваше на деловна жена за која американските разузнавачки служби се сомневаат дека има врски со кинеска шпионажа, додека другата вклучуваше вработена во „Nvidia“ која му била директно подредена.
