Сателитскиот телескоп „Свифт“ (Swift) на НАСА, кој повеќе од две децении ги проучуваше најмоќните познати енергетски експлозии во вселената, вчера излезе од орбитата – како што и се очекуваше – и изгоре во атмосферата на Земјата над Индонезија, соопшти вселенската агенција.
Огнениот крај на опсерваторијата Neil Gehrels Swift, која тежеше приближно 1.452 килограми, се случи помалку од три месеци по неуспешната мисија за спасување – обид сателитот да се подигне во повисока орбита и да му се продолжи работниот век.
Вселенските сили на САД потврдија дека сателитот „Свифт“ навлегол во атмосферата во 7:39 часот наутро според источното стандардно време. Според НАСА, сателитот навлегол во горните слоеви на атмосферата со голема брзина – околу 22 пати поголема од брзината на звукот – над индонезиската провинција Северна Суматра, на околу 322 километри северно од екваторот.
Од НАСА наведоа дека се очекувало топлината создадена од триењето при навлегувањето во атмосферата да го уништи поголемиот дел од сателитот високо над површината на Земјата. Иако некои компоненти можеби го преживеале спуштањето, американската вселенска агенција соопшти дека на земјата не се забележани штети или повреди предизвикани од остатоците на сателитот.
Ризикот за населените места бил многу мал.
Вселенските сили претходно го проценија ризикот за населените места како многу низок, наведувајќи дека веројатноста некој човек на Земјата да биде повреден изнесува еден спрема 2.100.
Дин Слејден, инженер за воздухопловство и вселенска техника во британската компанија Accu Components, која снабдува индустриски делови, изјави непосредно пред сателитот да навлезе во атмосферата: „Се очекува на земјата да паднат само неколку мали, изгорени фрагменти; ништо што би можело да се препознае како телескоп“.
„Сателити со оваа големина редовно навлегуваат назад во атмосферата, а во речиси 70-те години вселенски летови, никогаш никој не настрадал од остатоци што паднале на Земјата“, напиша Слејден во е-порака.
Ризикот од несреќа при повторното навлегување во атмосферата долгорочно се зголемува, „поради што станува сè поважно сателитите да се дизајнираат така што ќе можат безбедно да се вратат на Земјата“, додаде тој.
