Дискографските куќи UMG и Sony поднесоа тужба против платформата за генерирање музика со помош на AI, Suno, со седиште во САД, обвинувајќи ја дека користела песни без овластување, за својот нов модел.

Овие две големи музички компании – заедно со нивниот конкурент, Warner Music Group – веќе покренаа правна постапка против Suno во јуни 2024 година, пренесува „Фигаро“. Во ноември 2025 година, Warner се повлече од тој сојуз и постигна договор со Suno за обесштетување на уметниците чии дела биле користени за создавање нумери генерирани со вештачка интелигенција.

На почетокот на септември, Suno го лансираше новиот AI модел наречен v6, претставувајќи го како резултат на тековната соработка со уметници, креатори и пошироката индустрија. Новиот пристап усвоен од стартапот со седиште во Кембриџ, Масачусетс, им понуди на уметниците избор дали да учествуваат на платформата, како и можност да бидат платени за користењето на нивната музика доколку одлучат да соработуваат.

Suno изјави дека го развил овој нов модел делумно користејќи нумери што корисниците на платформата претходно ги генерирале со помош на вештачка интелигенција. Сепак, UMG и Sony тврдат дека тие нумери биле создадени со користење на постарите модели на Suno, кои биле обучени врз основа на бројни песни без согласност на уметниците, носителите на права или дискографските куќи.

Според тужителите, моделот v6 бил создаден со користење на метод познат како „дестилација“, кој вклучува користење на постар модел и претходни верзии на софтверот како референца.

„Масовната кражба на снимки заштитени со авторски права од страна на компанијата Suno го загрозува целиот музички екосистем и многуте луѓе кои работат во него“, наведоа двете големи дискографски куќи во судскиот поднесок.