Познат портал доби судски спор против технолошкиот гигант; Meta сега е должна да плати отштета и да ги обелодени приходите остварени од измама.

Германски суд пресуди дека Meta – матичната компанија на Facebook и Instagram – сноси одговорност за измамнички реклами од трети страни објавени на нејзините платформи, наложувајќи ѝ на компанијата да ја отстрани таквата содржина и да плати отштета.

Тужбата беше поднесена од операторот на германски финансиски портал и неговиот основач, чие регистрирано лого и фотографија биле искористени без дозвола во објави што промовирале наводно измамнички инвестиции, пренесе Ројтерс.

Судот оцени дека Meta не може да се повикува на непознавање во врска со таквите реклами, со оглед на начинот на кој компанијата ја контролира и насочува нивната дистрибуција на своите платформи.

Со пресудата, исто така, на компанијата ѝ се наложува да достави податоци за приходите остварени од спорните реклами и да надомести евентуална идна штета.

Одлуката сè уште не е правосилна, а од Meta изјавија дека ќе ја разгледаат пресудата.

Компанијата ја истакна својата посветеност на борбата против онлајн-измамите и нагласи дека користи технологии – вклучително и вештачка интелигенција и препознавање лица – за откривање измамнички реклами.

Случајот би можел да има далекусежни последици за одговорноста на големите онлајн-платформи во Германија, особено во однос на тоа како алгоритмите на компаниите влијаат врз дистрибуцијата на содржини од трети страни.