Од врвот на Microsoft дојде предупредување до компаниите за влијанието на вештачката интелигенција.

Извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, ги предупреди компаниите што користат вештачка интелигенција дека би можеле да ја изгубат контролата врз своите највредни деловни информации додека плаќаат за користење на услуги за вештачка интелигенција (AI).

Надела предупреди во блог пост дека корисниците на големи AI модели, како оние развиени од Open AI и Anthropic, не само што плаќаат за користење на технологијата, туку потенцијално предаваат и вредни деловни податоци на креаторите на модели, објавува Tech Crunch.

„Компаниите во суштина плаќаат за интелигенција двапати – еднаш со пари, а втор пат со нешто уште повредно, знаењето што мора да го откријат за да ја направат таа интелигенција корисна“, рече Надела.

Тие информации би можеле да претставуваат специфично деловно знаење што конкурентите никогаш не би можеле да го купат на пазарот.

Надела верува дека компаниите што развиваат вештачка интелигенција не можат истовремено да бараат слобода да користат јавно достапни податоци за обука на своите модели, а воедно да ја ограничуваат можноста на другите компании да анализираат и користат резултати од тие модели за развој на свои системи.

Тој беше особено критичен кон ситуациите во кои креаторите на AI модели го задржуваат правото да учат од податоците за користењето на нивните услуги.

Извршниот директор на Microsoft порача дека компаниите мора да задржат целосна контрола врз своите податоци и не треба да бидат врзани само за еден производител на AI технологија.