Вчера во Њу Делхи се отвори Светскиот самит за вештачка интелигенција (AI) за да се дискутира влијанието на претстојната револуција, од вработувањето до заштитата на децата, но учесниците се сомневаат дека ќе бидат преземени какви било конкретни мерки.

Се очекува околу дваесетина шефови на држави и влади да му се придружат на индискиот премиер Нарендра Моди на овој, четврти по ред собир посветен на технологијата што веќе ги трансформира општествата.

До петок во индиската престолнина се очекуваат и повеќето лидери во индустријата за AI, од Сем Алтман, раководител на OpenAI, до извршниот директор на Google, Сундар Пичаи и Јенсен Хуанг, извршен директор на Nvidia, американскиот гигант за микропроцесори.

„Овој самит треба да го збогати глобалното размислување за различни аспекти на вештачката интелигенција, како што се иновациите, соработката и нејзината одговорна употреба“, рече Нарендра Моди на X.

Тоа е исто така „доказ дека нашата земја брзо напредува во областа на науката и технологијата“ и „ги потврдува способностите на младите на нашата нација“, додаде тој.

Првите работилници и дискусии што се одржаа вчера го разгледаа потенцијалот на вештачката интелигенција за подобрување на безбедноста на патиштата во Индија и придонесот на жените од Јужна Азија во технолошкиот сектор.