Американската технолошка компанија Meta соопшти дека руските власти се обиделе да ја блокираат нејзината апликација за пораки WhatsApp во обид да ги принудат корисниците да се префрлат на конкурентска услуга контролирана од владата.

„Руската влада се обиде целосно да го блокира WhatsApp со цел да ги насочи граѓаните кон апликација контролирана од државата“, рече Мета.

„Правиме сè што можеме за да ги одржиме нашите корисници поврзани“, се додава во соопштението.

Фајненшл тајмс претходно објави дека руските власти го отстраниле WhatsApp, кој има околу 100 милиони корисници во Русија, од онлајн регистарот на апликации што ги води Роскомнадзор, државниот регулатор за комуникации.

Овој потег се смета за дел од пошироката стратегија за ограничување на пристапот до платформи што не се директно контролирани од руските безбедносни служби. Рускиот регулатор веќе воведе ограничувања за Telegram претходно оваа недела, објави Франс Прес.

Руските власти вршат притисок за префрлување на MAX, за кој критичарите велат дека овозможува надзор на корисниците, објави Ројтерс.