Американската компанија OpenAI и производителот на полупроводници AMD објавија дека постигнале договор вреден десетици милијарди долари за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Според договорот, OpenAI ќе користи AMD чипови со вкупна компјутерска моќност до шест гигавати. Првата испорака на еден гигават е планирана за втората половина на 2026 година, додека остатокот ќе биде распределен низ следните генерации чипови.
Договорот, исто така, вклучува можност (warrant) според кој OpenAI би можел да купи до 160 милиони акции на AMD, со што ќе стекне 10 проценти сопственост, што дополнително го зајакнува стратешкото партнерство меѓу двете компании.
Договорот е корисен за двете страни, нагласуваат раководителите на двете компании во соопштение објавено на веб-страницата на OpenAI.
„Ова партнерство е важен чекор во градењето на компјутерскиот капацитет потребен за реализација на целосниот потенцијал на вештачката интелигенција“, рече извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман.
Според проценките, партнерството може да донесе десетици милијарди долари годишен приход на AMD, додека OpenAI значително ќе ја забрза изградбата на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Поврзани артикли
