Meta објави дека ќе почне да користи разговори со корисници и чет-ботови со вештачка интелигенција за поставување реклами.
Целта е подобро да се персонализира содржината и рекламите на апликации како Facebook и Instagram, а Meta ќе започне со воведување на ова на 16 декември.
Корисниците беа известени за овие промени на 7 октомври и нема да имаат можност да се откажат, рече Meta.
Она што го кажувате или пишувате на четботот Meta AI ќе биде додадено на она што ви се допаѓа или следи во иднина, така што Meta може подобро да ве таргетира со реклами што би можеле да ве интересираат.
Во примерот што го дава самата компанија, на корисник што разговара со Meta AI за планинарење подоцна би можел да му се прикажат групи за планинарење, објави од пријатели за планинарски патеки или реклами за чизми.
„Интеракциите на луѓето едноставно ќе бидат уште еден влезен сигнал што ќе помогне во персонализирањето на фидовите и рекламите. Сè уште сме во процес на градење на првите понуди што ќе ги користат овие податоци“, изјави за Ројтерс Кристи Харис, менаџер за политиката за приватност на Meta.
Кога луѓето разговараат со Meta AI за почувствителни теми како што се нивните религиозни верувања, сексуална ориентација, политички ставови, здравје или расно или етничко потекло, Meta нема да ги користи тие теми за прикажување реклами.
Воведувањето започнува во повеќето региони на 16 декември и ќе се прошири со текот на времето, со исклучок на Обединетото Кралство, Европската Унија и Јужна Кореја, додаде компанијата.
