Научниците од британскиот универзитет Кембриџ открија нови, иако сè уште неизвесни докази кои би можеле да укажат на постоење на живот на егзопланетата К2-18б, свет оддалечен дури 1,1 трилиони километри од Земјата.

Со помош на вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) на НАСА, истражувачите открија траги од молекули во атмосферата на планетата кои се произведуваат исклучиво по биолошки пат на Земјата. Поточно, на нашата планета тие се произведуваат исклучиво од едноставни микроорганизми.

Ова е второ и досега најперспективно откривање на супстанции поврзани со животот на К2-18б. Но, научниците предупредуваат дека се потребни повеќе податоци за конечна потврда.

Атмосфера полна со молекули поврзани со животот
Тим од Универзитетот Кембриџ ја анализираше светлината што минува низ атмосферата на планетата додека орбитира околу нејзината мала црвена ѕвезда. Во таа анализа, откриени се хемиски траги од најмалку една од двете молекули поврзани со животот: диметил сулфид (DMS) и диметил дисулфид (DMDS). На Земјата, овие гасови се произведени од морски фитопланктон и бактерии.

„Количината на овој гас што го проценуваме во атмосферата на планетата е илјадници пати поголема отколку на Земјата“, рече шефот на истражувањето, проф. Нику Мадусудан. „Ако оваа врска со животот е реална, тогаш оваа планета би можела да биде преполна со живот“.

Според него, детекцијата на овие размери за време на едно набљудување било изненадувачко. „Ова е досега најсилниот показател дека можеби не сме сами. Реално, би можеле да го потврдиме сигналот во рок од една до две години“.

Има уште многу непознати
И покрај возбудата, Мадхусудан и колегите признаваат дека ова е само почеток. Сегашната веродостојност на податоците е околу 99,7%, што научниците го нарекуваат три сигма, но за да се тврди откритие, потребна е прецизност од пет сигма (99,99999%).

Пред 18 месеци сигналот беше уште послаб, само една сигма (68%), а потоа резултатите беа дочекани со скептицизам. Но, дури и ако достигнат пет сигма, тоа не значи дека навистина го пронашле животот.

„Дури и со таква сигурност, прашањето за потеклото на овој гас сè уште останува“, предупредува проф. Кетрин Хејманс, шкотски астроном и независен експерт. „На Земјата го произведуваат микроорганизми, но во вселената може да се случат многу чудни геолошки процеси кои не ги разбираме целосно“.

Тимот од Кембриџ сега соработува со други лаборатории за да тестира дали DMS и DMDS може да се произведуваат на начин кој не вклучува живот.

Научни контроверзии за природата на планетите
Освен за молекулите, научниците дебатираат и за самиот состав на К2-18б. Некои веруваат дека планетата има огромен течен океан, што би ја поддржало хипотезата за живот, особено поради отсуството на амонијак во атмосферата, кој водата може да го апсорбира.

Но, други, како проф. Оливер Шортл од Кембриџ, тврдат дека тоа може да биде и океан од стопена карпа, што ја исклучува можноста за живот.

Има и толкувања кои ја опишуваат планетата K2-18b како мини гасен џин без цврста површина, како моделот на д-р Николас Воган од Ејмс центарот на НАСА. Но, дури и таа теорија не е универзално прифатена, бидејќи не ги објаснува сите податоци собрани од телескопот Џејмс Веб.

„Живиот универзум ни е на дофат“
И покрај сите непознати, Мадхусудан останува оптимист.

„Можеби за неколку децении ќе погледнеме наназад на овој момент и ќе го препознаеме како пресвртница, кога живиот универзум стана на дофат“, рече тој, додавајќи: „Ова може да биде моментот кога одеднаш ќе станеме способни да одговориме на основното прашање: дали сме сами во универзумот?“

Истражувањето е објавено во научното списание The Astrophysical Journal Letters.