Американската технолошка компанија Meta објави дека нејзиниот модел со вештачка интелигенција Meta AI ќе биде достапен во Европа почнувајќи од оваа недела.

Компанијата исто така предупреди дека нејзиниот модел нема да ги има сите функции достапни на другите пазари, туку ќе биде ограничен на текстуални прашања. Европските корисници ќе имаат ограничен пристап до оваа услуга преку платформите на Мета Facebook, Instagram, Messenger и WhatsApp.

Тие ќе можат да користат Meta AI како чет-бот кој може да одговори на одредени прашања користејќи информации од веб или за разговори и планирање патувања, но нема да можат да генерираат или уредуваат слики, пренесува порталот Verge.

Компанијата исто така, тврди дека овој модел на вештачка интелигенција не бил обучен за податоци на корисници од Европската унија. Meta AI е достапна во САД од 2023 година.

Лансирањето на овој модел на вештачка интелигенција во Европската унија беше запрено во јули минатата година поради приговорите на регулаторите во Даблин кои тврдеа дека не е во согласност со Европската општа регулатива за заштита на податоците (GDPR), објавија медиумите.