Компанијата Мета свесно користела пиратски материјали за да го обучи својот модел со вештачка интелигенција Llama, со благослов на Марк Цукерберг, се тврди во нова тужба.

Оваа тужба за авторски права против Мета, како што објави TechCrunch, во рамките на случајот „Кадри против Мета“ содржи документи за користење на базата на LibGen за обука за вештачка интелигенција.

LibGen генерално се опишува како „библиотека во сенка“ која овозможува споделување датотеки и пристап до книги, списанија, слики и други материјали од академски и општ интерес.

Обвинителите, вклучително и писателката Сара Силверман, го обвинија Цукерберг дека ја одобрил употребата на LibGen за обука на вештачката интелигенција и покрај загриженоста што ја покренаа директорите на компанијата и вработените кои го опишаа како „збир на податоци за кои се знае дека е пиратски“.

Компанијата ги отстрани информациите за авторските права од материјалите на LibGen, се наведува и во жалбата, пред да ги достави до Лама.

Еден од инженерите на Мета, наводно, создал скрипта за автоматско бришење на информациите за авторските права, а обвинителите тврдат дека Мета го направил тоа за да ги скрие своите активности за прекршување на авторските права од јавноста.

Дополнително, адвокатот на тужителите истакна дека Мета признал дека користел торентинг за преземање и споделување материјали на LibGen, иако неговите инженери се чувствувале непријатно да ги споделат „од деловен лаптоп во сопственост на Мета“.