OpenAI има за цел да развие суперинтелигентни алатки за различни цели.

Калифорниската компанија за вештачка интелигенција OpenAI постепено се свртува кон развивање на „суперинтелигенција“, напиша нејзиниот извршен директор Сем Алтман во својот личен блог.

„Ги сакаме нашите сегашни производи, но тука сме за славна иднина“, рече Алтман, додавајќи дека суперинтелигентните алатки би можеле да ги забрзаат научните откритија и иновациите и со тоа да го зголемат просперитетот, пишува Tech Crunch.

Ваквите визии сега звучат како научна фантастика, но компанијата е уверена дека „во следните неколку години“ сите ќе го видат она што фирмата го гледа сега, рече Алтман.

OpenAI неколку пати пишуваше за тоа како успешната транзиција кон свет со суперинтелигенција е „далеку од гарантирана“ и дека компанијата ги нема одговорите на сите предизвици.

„Немаме решение за управување или контрола на потенцијално суперинтелигентната вештачка интелигенција и не можеме да ја спречиме да се однесува лошо“, напиша компанијата на својот блог во јули 2023 година.

Компанијата тогаш изјави дека луѓето нема да можат со сигурност да ги следат системите со вештачка интелигенција кои се попаметни од нив.

Се надеваме дека Open AI ќе инвестира доволно ресурси за да се осигура дека суперинтелигентните системи се однесуваат безбедно, додава технолошкиот портал.