Јапонската компанија Sony претстави подобрена верзија на конзолата Playstation 5 – Playstation 5 Pro со функции за вештачка интелигенција (AI) и поголема моќност на графичкиот процесор (GPU).
Марк Черни, еден од главните креатори на оваа конзола, вели дека PS5 Pro ја подобрува оригиналната конзола на три клучни начини: поголем графички процесор, напредно следење зраци и функции кои користат вештачка интелигенција. Целта на компанијата е Pro конзолата да им овозможи на корисниците сега да имаат игри со поголема резолуција, повисоко ниво на детали и ефекти, а перформансите да бидат во режим на 60 FPS.
PS5 Pro ќе се продава од 7 ноември по цена од 700 долари во Америка, додека на европскиот пазар неговата цена ќе биде 800 евра, а првите нарачки ќе бидат можни веќе на 26 септември.
„Тоа е најмоќната конзола што некогаш сме ја направиле. Подобрувањата на хардверот во конзолата ќе резултираат со 45 проценти побрзо рендерирање“, тврди Черни.
Sony го надгради графичкиот процесор во PS5 Pro со 67 проценти повеќе компјутерски единици од стандардната PS5 конзола, а исто така има 28 проценти побрза меморија и можност за репродукција на слики во 8K.
Функциите за вештачка интелигенција PSSR ќе се користат за да му помогнат на FSR2 на графичкиот процесор AMD да постигне подобро и попрецизно ниво на графички приказ.
Sony додаде и опција за надградба на постари видео игри (Game Boost) која ќе се применува на повеќе од 8.500 претходни наслови, а тие сега ќе бидат подобрени со новите функции на PS5 Pro.
Черни накратко покажа неколку игри на PS5 Pro, вклучувајќи го и „The Last of Us Part II“ со повеќе детали од претходната конзола.
Игрите ќе треба да се ажурираат за да ги искористат предностите на некои од функциите на PS5 Pro, а Sony вели дека програмерите подготвуваат надградби на бесплатен софтвер за постоечките наслови што ќе ги означат како PS5 Pro Enhanced игри – до 50 од нив до 7 ноември.
Првите игри на PS5 Pro Enhanced ќе бидат: Alan Wake 2, Assassin’s Creed Shadows, Demon’s Souls, Dragon’s Dogma 2, Final Fantasy 7 Rebirth, Gran Turismo 7, Hogwarts Legacy, Horizon Forbidden West, Marvel’s Spider-Man & Clank: Rift Apart, The Crew Motorfest, The First Descendant и The Last of Us Part II Remastered.
Поврзани артикли