НАСА соопшти дека го анализира објектот што неодамна паднал од небото врз дом на Флорида. Веројатно се работи за фрагмент од отфрлен дел од Меѓународната вселенска станица (ISS). Алехандро Отеро од Неапол објави на X дека неидентификуван предмет го пробил покривот и поминал низ два ката од неговиот дом на 8 март, при што за малку ќе го повредил син му.

Отеро верува дека неговата куќа била погодена од дел од товарниот контејнер со стари батерии, кои НАСА ги исфрлила од ISS во 2021 година. Резервоарот, како што предвидува агенцијата, требаше да изгори безопасно над земјината атмосфера на 8 март.

Отеро исто така објави снимка од својата надзорна камера од објект што пропаднал низ покривот во 14.34 часот по локално време.

Набргу се јави и НАСА. „Во договор со сопственикот на куќата, го собравме предметниот објект. Ќе го анализираме во вселенскиот центар ‘Кенеди’ на НАСА на Флорида што е можно побргу за да го утврдиме неговото потекло. Дополнителни информации ќе бидат достапни по анализата”, изјавила НАСА за АФП.

Според извештајот на Ars Technica, батериите биле во сопственост на НАСА, но тие биле во контејнер лансиран од јапонската вселенска агенција.

Ова не е првпат вселенското ѓубре да предизвикува проблеми на Земјата. На пример, во 2022 година дел од капсулата „Спејс икс драгон“ падна на австралиска фарма за овци. „Скајлаб“, првата американска вселенска станица, се урна во Западна Австралија.