Според податоците на Меѓународната корпорација за податоци (ИДЦ), секој петти продаден мобилен телефон минатата година бил бренд на „Епл“.

За првпат досега, „Епл“ го зазеде првото место по бројот на продадени мобилни уреди, јавува „Би-Би-Си“. Тоа место дванаесет години му припаѓаше на „Самсунг“.

„Епл“ продаде над 234 милиони мобилни телефони минатата година, и покрај зголемените регулаторни предизвици и зголемената конкуренција од „Хуавеи“ во Кина.

„Хуавеи“ неодамна почна да прави сопствени чипови, откако САД им забранија да ја користат технологијата поради наводната опасност што ја претставува за националната безбедност на САД.

„Самсунг“ е сè уште блиску до „Епл“ со удел од 19,4 отсто од вкупниот пазар, но претрпе голем пад. Неговата конкуренција е претставена со подостапни уреди од кинеските производители „Ксаоми“ и „Оппо“.

ИДЦ објави дека минатата година биле продадени речиси 1,2 милијарди паметни телефони, што е пад од повеќе од 3 проценти во однос на претходната година. Аналитичарите предвидуваат дека пазарот ќе закрепне оваа година.