Xiaomi денеска одржа онлајн презентација, во текот на која кинеската компанија ја претстави глобалната верзија на Redmi Note 9 Pro телефонот – Redmi Note 9S.

Redmi Note 9S користи 6.67-инчен IPS LCD панел со 1080 x 2400p (20:9) резолуција. Xiaomi истакнува дека екранот може да достигне осветлување до 450 нита, поддржува HDR10 и TÜV Rheinland стандарди за ниско емитирање на сино светло. Ова е и прв телефон од серијата со punch-hole отвор за селфи камерата, кој Xiaomi го нарекува Tiny DotDisplay. Екранот има и Gorilla Glass 5 заштита.

Телефонот го покренува Snapdragon 720G чипсет, во комбинација со 4GB или 6GB RAM и 64GB или 128GB простор за складирање податоци, кој е можно да се прошири преку microSD слот. Тука е и поддршката за 3.5 мм приклучок за слушалки и IR бластер.

На задната страна се наоѓа четвртест систем со четири камери, кој го сочинуваат 48MP f/1.8 главен сензор, 8MP ултраширок, 5MP макро и 2MP сензор на длабочина. Во отворот во дисплејот е сместена 16MP f/2.5 селфи камера, способна да снима 120fps slow-motion видео.