Пазарот на паметни телефони полека закрепнува по повеќе од две години пад и стагнација.

Во октомври, продажбата на паметни телефони на глобално ниво се зголеми за пет проценти на годишно ниво, за прв пат во последните 27 месеци, објави агенцијата за истражување на пазарот Counterpoint од Хонг Конг.

„Лидерите за раст се пазарите во развој на Блискиот Исток и Африка, а растот беше поддржан и од враќањето на Huawei во Кина и почетокот на сезоната на годишни одмори во Индија“, се вели во соопштението, пренесено од CNBC.

Apple iPhone 15 се појави на пазарот на крајот на септември, а првите продажни ефекти се почувствуваа во октомври.

Поразвиените пазари, каде што има заситеност во продажбата на паметните телефони, бележат побавно закрепнување, додаваат од Counterpoint.

Врз основа на овие резултати, агенцијата очекува глобалниот пазар на паметни телефони да расте од година во година во четвртиот квартал од 2023 година и постепено да закрепнува во текот на следните квартали.