Apple објави важно ажурирање за iPhone 15, по извештаите за грешки при плаќање и користење на виртуелни клучеви од автомобилот.

Поточно, неколку сопственици на автомобили на BMW рекоа дека функциите за комуникација на кратко поле (NFC), како што е Apple Pay, се прекинале кога некои од телефоните од серијата iPhone 15 биле безжично наполнети во нивното возило, пренесува The Verge.

Виртуелните клучеви за BMW исто така не работат, а според некои извештаи, проблеми имаат и сопствениците на Toyota Supra.

Apple ги реши овие проблеми со ажурирањето 17.1.1, за кое компанијата од Купертино вели дека ги поправа грешките за проблеми со безжичното полнење во одредени автомобили, пишува New York Post.

Корисниците треба само да влезат во нивните поставки и да го најдат табот „софтверско ажурирање“ додека нивниот телефон е поврзан на извор на енергија и на интернет, а исто така е можно да се вклучат и автоматско ажурирање.