Сите рудници имаат потреба од редовно одржување и утврдување за да се спречи колапс, па така и Халштат не е исклучок.

Освен што претставува најстариот рудник за сол на австриските Алпи, Hallstatt не е само еден обичен рудник.

Во период од 7.000 години, рудникот обезбедувал стабилни резерви со сол, но тој исто така крие и археолошки откритија кои го потврдуваат постоењето на богата цивилизација која датира уште од почетокот на првиот милениум п.н.е.

Се смета дека досега се истражени помалку од 2 проценти од мрежата на предисториски тунели, а новата фаза на одржување која започна овој месец, е наменета да ги заштити овие достигнувања, смета главниот археолог Ханс Решрајтер.

“Како и кај сите рудници, планината врши притисок врз тунелите и тие би можеле да се срушат дококу ништо не се стори”, изјави Решрајтер за АФП.

Халштат беше признаен како дел од светското наследство на УНЕСКО во 1997 година и работата има за цел да го зачува рудникот за “идните генерации”, рече Томас Стелзер, гувернер на државата Горна Австрија, каде што се наоѓа рудникот.

Како највпечатливо археолошко откритие се вбројуваат дрвените скали од осум метри, кои датираат од 1100 п.н.е., најстарите такви скали во Европа.

“Скалите беа толку добро зачувани што можевме да ги растуриме и повторно да ги составиме”, рече Решрајтер.

Други предмети датираат дури и од многу поодамна. Во 1838 година била ископана секира направена од рогови од елен која датира од 5000 п.н.е. што покажува дека уште тогаш, рударите “се обидувале да ја извадат солта од тука”, рече Решрајтер.

Во средината на 19-от век, ископувањата откриле некропола која ја покажала исклучителната важност на локалитетот за време на раното железно време.

Цивилизацијата станала позната како “Hallstatt culture”, обезбедувајќи ја славата на локацијата.

“Илјадници тела се ископани, речиси сите со извонредни бронзени украси, кои обично ги носат само најбогатите”, рече Решрајтер. “Од пронајдените остатоци може да се заклучи дека тие биле изложени на тежок физички труд уште од детството, но исто така тие покажуваат и знаци на неспоредлив просперитет”.

Солта, долго позната и како “бело злато”, била бесценета во тоа време. Рудникот Hallstatt произведувал и до еден тон сол во еден ден, снабдувајќи “половина од Европа”, продожува тој, додавајќи дека иако локациски рудникот е тежок за пристап, тој сепак “станува најбогатата и најважна платформа за тргување во 800 п.н.е.”.

Доказ се рачките од меч изработени од африканска слонова коска и медитеранските вински садови пронајдени на оваа локација.

Втората серија ископувања ја запончал Виенскиот музеј за природна историја пред околу 60 години, а таа открива многу други изненадувања.

Во тунели лоцирани на повеќе од 100 метри под површината, археолозите откриле “уникатен доказ” за рударска активност од “индустриски” размери за време на бронзеното време, рече Решрајтер.

При ископувањата исто така биле откриени и дрвени потпорни структури стари и повеќе од 3.000 години кои совршено се сочувани од солта, како и бројни алатки, кожени ракавици и јаже дебело колку тупаница, но и остатоци од милиони дрвени факели.

Користен и од страна на Келтите, а и за време на римската ера кога солта била наменета како средство за плаќање на легии поставени долж реката Дунав (потеклото на зборот “плата” доаѓа од овој рудник) рудникот никогаш не престанал со работа од праисториски времиња.

Денес, околу 40 луѓе сè уште работат таму, користејќи вода под висок притисок за екстракција на 250.000 тони сол годишно.

“Солта веќе нема иста вредност како во антиката, но некои од нејзините нови намени, како што се во фармацевтската и хемиската индустрија, сè уште се многу профитабилни”, рече Курт Томанек, технички директор на производителот на сол Salinen Austria.

Туризмот поврзан со археолошките откритија е исто така “столб на нашите активности”, додава Томанек.

Минатата година, околу 200.000 луѓе го посетиле рудникот Халштат.