Најновата серија на iPhone сега е достапна во Кина со големи попусти, па може да се најде и до 200 долари поевтино од вообичаеното. Многу аналитичари сметаат дека причината за тоа е што серијата iPhone 15 лошо проаѓа во Кина.

Според Ројтерс, JD, Taobao и други онлајн шопинг сајтови ја нудат серијата iPhone 15 со попусти до 200 долари.

Со оглед на тоа што кинеската економија доживува забавување, овие страници се надеваат дека ваквите попусти ќе помогнат да се зголеми побарувачката за новата серија на iPhone, која не оди добро.

Благодарение на попустот, кинеските купувачи можат да го добијат iPhone 15 со простор од 512 GB за 1.026 долари, што е помалку од официјално препорачаната цена (1.230 долари). Слично на тоа, iPhone 15 Plus со 128 GB е достапен за 834 долари, што е 137 долари поевтино од препорачаната цена.

Што се однесува до моделот Pro, iPhone 15 Pro Max со 512 GB простор се продава за 1.464 долари на Taobao, додека на веб-страницата на Apple е 1.642 долари.

Во извештајот од почетокот на овој месец се вели дека продажбата на серијата iPhone 15 во Кина е намалена за 4,5% на годишно ниво во споредба со серијата iPhone 14. Најверојатно за ова, барем делумно, е одговорен Huawei, кој неодамна ја претстави новата линија Mate 60.