Кинескиот бизнис е заинтересиран за проширување во Европа, но многумина тоа го гледааткако опасност поради врските со официјален Пекинг и се обидуваат да го запрат процесот. Едната страна зборува за дискриминација, а другата за закана.

Во интервју за порталот Alfa.lt, Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон рече дека ЕУ е отворена за секого, но мора да се почитуваат утврдените правила, кои мораат да бидат јасни и исти за секого, без разлика дали се работи за кинески или американски компании.

„Земјите-членки на ЕУ имаат различни пристапи кон кинескиот бизнис, инвестициите и индивидуалните компании, како што се Huawei или Xiaomi, и нивните активности (на пример, имплементацијата на 5G). Некои земји создаваат бариери за овие кинески компании, некои не. Како да се справиме со таква ситуација? Можеме ли да зборуваме за заеднички пристап на ЕУ кон кинескиот бизнис и инвестициите?“, прашува Бретон.

Кога станува збор за кинеските инвестиции, Бретон е дециден: „Ова е многу важно и кажав многу јасно и јавно: Европа е отворен континент и веројатно сме единствената и најсилна демократија во светот, со оглед на она што се случи последните години во САД. Верувам дека Европа е единственото место на планетата кое разбира што е всушност демократијата. Поради тоа, мора да се однесуваме според тоа кои сме и кои се нашите вредности“.

Еврокомесарот Бретон истакна дека ЕУ прва воведе правила за дигитални платформи.  „Бевмепрвите што го донесоа Законот за дигитални услуги – јас и мојот тим го сторивме тоа. Го донесовме Законот за дигитални пазари пред САД и било што друго. Сега тие одат по нашите стапки и со нив разговараме за овие прашања. Ние сме демократија и треба да се гордееме со тоа. Не е лесно, но тоа сме ние. Уште една работа е што сме отворен континент, но она што е многу важно – со одредени услови, сопствени правила. Со други зборови, затоа што сме демократија, бидејќи се грижиме за владеењето на правото, бидејќи сакаме да бидеме чесни, ги повикуваме сите да инвестираат во Европа, но треба да бидеме сигурни дека нашите правила ќе се почитуваат. Како сите и насекаде, и ние имаме свои правила. Да речеме, на европскиот континент возиме автомобили на десната лента. Значи, ако доаѓате во Европа, тогаш возењето по десната страна на патот е наше правило. Ако некому не му се допаѓа, нека не доаѓа“, вели Бретон.

„Имаме правила и мојата мисија е да ги разјаснам тие правила. Пред да станам член на Европската комисија, бев политичар, министер и генерален директор. Кога бев директор на компанија што работи во 15 земји, секогаш им велев на своите подредени дека ако работиме во една или друга земја, треба да бидеме нејзини добри гости – поканети сме, да бидеме љубезни. Кога сте поканети, бидете учтиви, почитувајте ги правилата. Но, за сите да се чувствуваат добро, треба да имаме јасни сопствени правила. Поради тоа, постојано потенцирам дека сме отворени, но во согласност со нашите услови и мораме да ги разјасниме овие услови за секого, вклучувајќи го и кинескиот бизнис“, потенцира Бретон.

„Затоа ги следиме директните странски инвестиции. Треба да знаеме дека инвеститорот не ја нарушува конкуренцијата бидејќи сме отворен пазар и во него има конкуренција. Треба да се осигураме дека инвеститорот нема предност пред другите, да речеме, поради финансиската поддршка на неговата матична држава за него. Поради тоа, ја користиме постапката за проверка на странските директни инвестиции. Сега имаме нов предлог за странските субвенции, кој ќе ги опфаќа и деловните аквизиции, така што странските компании немаат предност и не можат да ја нарушат конкуренцијата“.

Еврокомесарот е претпазлив во однос на имплементацијата на 5G мрежата. „Внимателен сум и воведов одредени безбедносни мерки со земјите-членки. Никогаш не сум издвоил ниту една компанија или држава. Секој може да учествува во воведувањето на оваа мрежа, но 5G значително ја менува инфраструктурата, постои поголем ризик од сајбер напади, бидејќи, за разлика од 3G или 4G, кај 5G конекцијата секоја точка е точка на пристап до мрежата. Затоа се потребни дополнителни правила. Ако ги следите, се прилагодувате на нив, поради што сте добредојдени. Ова важи за сите, вклучувајќи ги и кинеските компании. Ако чини премногу и сакате да продолжите со „возење по левата страна на патот“ – ништо слично, но ја имаме десната лента“, подвлече Бретон

„И јас самиот бев нападнат од GAFA (Google, Amazon, Facebook, Apple) – дека им вршам голем притисок. Но, не е така. Јас само ги утврдувам правилата што се заеднички за сите нас – прилагодете се на нив. Им кажав на сите челници на GAFA. Како шеф на меѓународна компанија, не можев ни да замислам дека можам да си дозволам да дојдам во друга земја и да изјавам дека мора да ги промени правилата за да биде поприфатливо за нас. Меѓутоа, одговорноста е на сите нас да осигураме дека правилата се фер и дека сите во Европа ги почитуваат“, истакна еврокомесарот Бретон.