Американската технолошка компанија Apple денеска објави дека ќе го ажурира софтверот на iPhone 12 во Франција, почитувајќи го барањето на француските власти кои привремено ја забранија неговата продажба поради прекумерно ниво на радијација.
„Ќе го ажурираме софтверот на француските корисници и ќе се прилагодиме на протоколот што го користат француските регулатори. Со нетрпение очекуваме iPhone 12 да продолжи да биде достапен во Франција“, соопшти Apple.
„(Ажурирањето) е поврзано со протоколот за тестирање што го користат француските регулатори, а не безбедносно прашање“, се вели во соопштението. Францускиот мрежен регулатор ANFR ќе го тестира ажурираниот софтвер на краток рок, се вели во соопштението на државниот секретар за дигитални прашања Жан Ноел Баро, нагласувајќи дека ажурирањето на крајот ќе го усогласи iPhone 12 со европските стандарди, кои се на сила во Франција.
ANFR го извести Apple во средата дека ја забрани продажбата на iPhone 12 откако тестовите покажаа дека неговата стапка на апсорпција на радијација (SAR) е малку над законската граница. Тие додаваат дека резултатите ќе ги проследат до регулаторите во другите земји од ЕУ.
За да се реши проблемот, доволно е да се ажурира софтверот, рече Баро во интервју за Le Parisien објавено во вторникот, истакнувајќи дека Apple има рок од две недели. И другите европски регулатори внимателно ја следат француската процедура, па холандскиот регулатор во средата објави дека го проверува проблемот со можното прекумерно зрачење на iPhone 12.
Германскиот регулатор нагласи дека процедурата на Франција може да послужи како модел за цела Европа, а белгискиот државен секретар за дигитализација најави анализа на можните здравствени ризици поврзани со мобилниот телефон на Apple. Италијанското Министерство за индустрија најави дека ја следи ситуацијата, но засега нема намера да презема мерки, а ситуацијата ја следи и Португалија.
Поврзани артикли