Сопственикот на Твитер, Илон Маск денеска го претстави новото лого на социјалната платформа, бел знак „Х“ на црна позадина, кој треба да го замени добро познатиот симбол на сината птица.

Кога до платформата се пристапува преку интернет прелистувач, Twitter веќе ја изгуби сината птица, а на нејзино место е нов знак.

На прашањето на еден од корисниците како сега ќе се нарекуваат објавите на Твитер познати како твитови, Маск одговори: „Иксови“ (“x’s”).

Официјалната страница на Твитер на оваа платформа е променета во „Х“, но страницата x.com не е активна.

„Наскоро ќе се збогуваме со брендот Твитер и постепено, со сите птици“, објави вчера Маск на таа социјална мрежа.

Во таа прилика тој рече дека сака да го смени логото на Твитер и ги праша своите милиони следбеници дали би сакале бојата на позадината на страницата да се промени од сина во црна.

Маск и извршната директорка на Твитер Линда Јакарино одделно го објавија логото „Х“ на социјалната мрежа, проектирано на зградата на Твитер во Сан Франциско, пренесува Ројтерс.

„Х е иднината на неограничените интеракции… Глобален пазар за идеи, стоки, услуги и можности“, твитна Линда Јакарино вчера.

Оригиналното лого на Твитер, сина птица, е дизајнирано во 2012 година и сè уште може да се види на оваа платформа, наведува британската агенција.