Sony ја најави конзолата на крајот на мај, а почетокот на продажбата се очекува кон крајот на оваа година, кога треба да ги дознаеме сите детали за Project Q уредот.

Откако претходно оваа година се појавија гласини за нова конзола што ја подготвува Sony, јапонската компанија ги потврди тие гласини на крајот на мај. Project Q е името под кое се развива конзолата, очекуваме да се најде на пазарот кон крајот на годината, а се работи за уред со дијагонала на екранот од осум инчи и резолуција од 1080p. Треба да се нагласи дека ова не е независна рачна конзола на која може да се извршуваат специјални игри (како PS Vita), туку уред за пренос од PlayStation 5 преку опцијата Remote Play и Wi-Fi конекција.

Sony покажа фотографија од овој уред, но таа не открива премногу. Неделава дознавме како изгледа хардверот, но и самиот екран кога уредот работи, благодарение на корисникот на Твитер @Zuby_Tech кој на својот профил објави фотографии и видео од уредот во акција. Неговите твитови се прикачени во текстот, а според коментарите напишани подолу, повеќето не се воодушевени од она што може да се види.

„Некој ќе добие отказ; Изгледа толку лошо; Никој нема да го купи“, се само дел од коментарите на неимпресионираните гејмери. Видеото и фотографиите откриваат голем екран сместен во некој вид на Dual Sense контролер, а на страницата 9to5 Google посвети посебно внимание на софтверот, кој е базиран на Google Android, иако се уште не е финален.

Што се однесува до хардверот, деталите не се познати, но најверојатно се работи за некој вид Qualcomm Snapdragon чипсет. Оваа компанија претходно коментираше дека разговарале со Sony за развој на чипови во контекст на гејмерски хардвер за Android, така што оваа информација не е изненадување.

Затоа, иако ова е првенствено уред наменет за стриминг видео игри од последната генерација на PlayStation, со Android неговиот потенцијал е значително поголем бидејќи би можело да се игра и видео игри од Google Play Store за Android, а со поддршка за облак игри, корисниците можат да уживаат во голем каталог на игри од cloud услугата.

Во моментов ова се само шпекулации, а какви ќе бидат можностите на оваа конзола и дали навистина ќе може да се играат други игри на неа, покрај оние кои се стримуваат преку PlayStation 5, ќе дознаеме дури по официјалното претставување кое се очекува на крајот на годината.