Организацијата за заштита на приватноста во Велика Британија го казни TikTok со 12,7 милиони фунти (15,8 милиони долари) за прекршување на неколку закони за заштита на податоците.

Меѓу законите кои се прекршени, има и оние кои се однесуваат на начинот на кој апликацијата управува со личните податоци на децата.

ICO (Канцеларијата на комесарот за информации) истакнува дека во 2020 година, TikTok дозволил дури 1,4 милиони деца на возраст под 13 години да ја користат апликацијата, што е спротивно дури и со стандардите поставени од TikTok.

ICO тврди дека компаниите кои нудат „услуги на информатичкото општество“ на корисници под 13-годишна возраст мора да обезбедат согласност од родителите или старателите на децата. TikTok тоа не го сторил, според регулаторите.

Дополнително, регулаторот истакнува дека TikTk не направил доволно за да пронајде и отстрани малолетни корисници од апликацијата – и покрај тоа што некои вработени во компанијата изразија загриженост за проблемот.

Сепак, се посочува дека казната не е толку висока колку што се очекуваше. За време на прелиминарната истрага за TikTok, која започна во февруари 2019 година, ICO ја предупреди компанијата дека се соочува со потенцијална казна од 27 милиони фунти (33,7 милиони долари).

Неодамна, TikTok се соочи со проблеми и забрани во голем број земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Канада, Австралија, Норвешка, како и Европскиот парламент.