„Мојата филозофија е дека ако поминувате повеќе време гледајќи во телефонот отколку во нечии очи, правите погрешна работа“, вели Тим Кук.

Во модерниот, зафатен и дигитален свет во кој живееме, екраните се неизбежни и буквално насекаде околу нас. Од паметни часовници на нашите раце до телефони, таблети, монитори и телевизори. Наскоро овие екрани би можеле да ни бидат уште поблиску со развојот на паметните очила и уредите AR/VR, што значи дека постојано ќе го носиме екранот на себе, а ќе го симнуваме само кога спиеме.

Бројни претходни студии покажаа колку екраните или нивната прекумерна употреба може да бидат опасни, особено за младите луѓе. Првиот човек на компанијата Apple, Тим Кук, смета дека треба добро да размислиме за начинот на кој ги користиме гаџетите и времето кое го поминуваме со екраните. Иако делува иронично, бидејќи токму на човечката зависност, односно потребата од екрани, Apple остварува неверојатни приходи и профити, Кук вели дека не сака децата да се лепат за производите на неговата компанија.

Денешните деца се родени во дигиталната ера и, како што објасни Кук во едно интервју, тие сега се дигитални, но многу е важно да се постават граници кога станува збор за нивното однесување во дигиталниот свет. Тој смета дека употребата на технологијата во училниците треба да биде ограничена и не сака неговиот внук (Кук нема деца) да поминува премногу време на социјалните мрежи.

„Не сакаме луѓето премногу да ги користат нашите телефони. Не сакаме да го гледаме тоа“, коментира Кук за зависноста од телефонот и вели дека развиле алатки што треба да ги спречат луѓето да поминуваат толку многу време фокусирани на екраните. Фокусот на Apple е на развој на производи кои ги поттикнуваат луѓето да учат и да создаваат работи што инаку не би ги направиле, вели Кук.

Тој откри и дека често ја користи опцијата „Screen Time“ на својот iPhone за да го ограничи времето што го поминува на екраните: „Мојата филозофија е дека ако поминувате повеќе време гледајќи во вашиот телефон отколку во нечии очи, правите нешто погрешно“.

Наместо да гледа екрани, Кук сака слободното време да го поминува во природа. Тој е љубител на велосипедизам и планинарење и верува дека најдоброто нешто што можете да направите е да поминувате време во природа наместо да гледате екрани.

Во разговорот Кук се осврна и на темата за VR/AR очилата за кои претходно мислеше дека немаат иднина, но изгледа дека го променил размислувањето. Познато е дека Apple со години развива ваков уред, а се чини дека нè делат месеци од неговото претставување.

Иако Кук затоа е противник на прекумерната употреба на екрани, тој верува дека очилата со поддршка за зголемена и виртуелна реалност би можеле да ја подобрат комуникацијата и врската меѓу луѓето и би биле корисни во корпоративна средина.