Регулаторот на Кина ги откри нацрт-прописите за секторот за генеративна вештачка интелигенција со фокус на одговорноста на компаниите за кредибилитетот на податоците што се користат за создавање содржина.

Кина ги поддржува иновациите и примената на вештачката интелигенција (AI) и охрабрува употреба на безбеден и доверлив софтвер, алатки и ресурси со податоци, но содржината произведена од генеративната вештачка интелигенција мора да одговара на основните социјалистички вредности на Кина, соопшти CAC.

Затоа, компаниите ќе бидат одговорни за кредибилитетот на податоците што се користат за „обучување“ на генеративните производи со вештачка интелигенција и ќе мора да преземат мерки за да се спречи дискриминација во развојот на алгоритми и податоци, додаваат тие.

Компаниите, исто така, ќе мора да побараат од корисниците идентитет и други поврзани информации, а доколку не се усогласат може да се соочат со парични казни, суспензија на услугата и, потенцијално, кривична истрага.

Доколку нивните платформи создадат „несоодветна“ содржина, тие ќе мора да ја ажурираат својата технологија во рок од три месеци за да спречат тоа да се повтори, велат од CAC.

Јавноста може да се произнесе за предлозите до 10 мај, а прописите би можеле да стапат во сила до крајот на годинава.

Регулативите на CAC се совпаднаа со напорите на неколку влади да ги ублажат опасностите од новата технологија, која доживеа вистински бум од лансирањето на ChatGPT на OpenAI, привлекувајќи ги и потрошувачите и инвеститорите.

И голем број кинески технолошки гиганти, вклучувајќи ги Baidu, SenseTime и Alibaba, претставија генеративна вештачка интелигенција во последниве недели што може да се користи во низа апликации, почнувајќи од чат-ботови до алатки за создавање слики, забележува Ројтерс.