Во јавноста протекоа плановите на Мета за пазарот на зголемена и виртуелна реалност во следните четири години.
Марк Цукерберг иднината на својата компанија ја гледа во метаверзумот, а за да можат милиони корисници да пристапат до тој виртуелен свет каде што можат да живеат, работат, да се забавуваат и слично, потребен им е соодветен хардвер. Тој хардвер се очила за виртуелна и проширена реалност.
На пазарот веќе има такви уреди, меѓу кои и Метине, но нема голема побарувачка за нив. Има повеќе причини – од цената до недоволно атрактивна содржина која би ја привлекла масата. Компанијата на Цукерберг работи со полна пареа на двата фронта (каде што досега потрошиле многу пари) – хардвер, односно нови модели на очила за AR/VR и софтвер, односно нивниот виртуелен свет, кој, барем досега, се покажа прилично лошо.
А кои се конкретните хардверски планови на компанијата, дознавме благодарение на технолошките новинари кои дојдоа до планот на Цукерберг за развој на очила за VR и AR во следните четири години. Како клучна точка, односно она што Цукерберг го смета за „ајфон моментот“ на Мета, односно уред кој ќе го промени целиот пазар на сличен начин како што телефонот на Apple го промени пазарот на паметни телефони, беше истакнато лансирањето на очила со поддршка за проширена реалност во 2027 година.
Иако компанијата ќе претстави AR очила и пред 2027 година, тој модел треба да има опции како приказ на аватари, односно холограми во внатрешноста на очилата кои ќе изгледаат како да се во реалниот свет, што треба да донесе револуција на пазарот. Овие очила се очекува да бидат прилично скапи.
Но, пред тоа Мета подготвува и други новитети. За оваа есен се планирани нови паметни очила Ray-Ban Stories, потоа нов модел на Quest VR уред кој би требало да биде двојно потенок и двојно појак во однос на сегашниот модел и може да го очекуваме и оваа година.
За 2024 година е планиран нов модел на VR уред наречен Ventura, кој треба да има „најатрактивна цена на пазарот на уреди за виртуелна реалност“, а една година подоцна да очекуваме уште една Ray-Ban очила. Тој модел треба да има специјален viewfinder, т.е. визир во очилата што ќе прикажува пораки и известувања, превод во реално време од странски јазици итн. Очилата би се контролирале со гестови со рака, додека пораките би можеле да се пишуваат на виртуелна тастатура. Исто така, Мета развива паметен часовник кој би се користел заедно со тие очила.
Плановите на Мета се прилично амбициозни и бараат големи инвестиции, но слични планови имаат и други големи компании како Apple, кој исто така се подготвува да го претстави својот прв AR/VR уред.
Поврзани артикли