Делови од оштетениот руски вселенски брод Прогрес МС-21 потонаа откако леталото беше соборено на контролиран начин над Тихиот Океан, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос, пренесува агенцијата Интерфакс.

„Денес Прогрес МС-21 беше исфрлен од орбитата, влезе во атмосферата и се распадна. Неизгорените елементи на структурата паднаа во непловен дел од Тихиот океан“, се вели во соопштението.

Товарниот вселенски брод „Прогрес“ се приклучи на Меѓународната вселенска станица (ISS) во октомври 2022 година.

На 11 февруари 2023 година, беше откриено истекување во капсулата, која веќе беше исполнета со отпад, што резултираше со губење на течноста за ладење.

Во саботата шатлот беше откачен, свртен и фотографиран однадвор.

Не е констатирана видлива штета.