Американскиот сенатор Чак Шумер најави дека треба да се разгледа предлогот за забрана на социјалната мрежа TikTok во САД.
Американските власти изразија загриженост дека Кина би можела да ги искористи домашните закони за да изврши притисок врз TikTok или компанијата што го поседува, BiteDance, да ѝ ги предадат на кинеската влада американските податоци за корисници кои би можеле да се користат за разузнавачки или дезиформациски цели, наведува CNN.
„Знаеме дека има кинеска сопственост на компанијата што го поседува TikTok. И има некои луѓе во Комитетот за трговија кои го разгледуваат тоа во моментов. Ќе видиме до каде ќе одиме со тоа“, рече Шумер.
TikTok е во сопственост на BiteDance, една од најголемите приватни компании во Кина.
Американските пратеници Марко Рубио, републикански сенатор од Флорида, и Ангус Кинг, независен од Мејн, минатата недела рекоа дека повторно воведуваат нова легислатива со цел да се забрани TikTok да работи во Соединетите држави, освен ако не ги прекине врските со својот сегашен сопственик.
TikTok претходно ги негираше наводите дека споделил кориснички податоци со кинеската држава, тврдејќи дека безбедносен тим со седиште во САД одлучува кој може да пристапи до податоците на американските корисници од Кина.
Извршниот директор на TikTok, Шу Зи-Чу треба да сведочи пред Конгресот во март за теми поврзани со политиката за приватност на корисниците на TikTok, практиките за безбедност на податоците, влијанието врз младите корисници и, според соопштението на Домот, „односот со Комунистичката партија на Кина“, пренесува американската медиумска куќа.