Огромна жаба која е пронајдена во Квинсленд, Австралија ги шокираше чуварите на паркот со својата големина.
Станува збор за крастава жаба наречена „cane toad“, која е шест пати поголема од просечната единка од овој вид. Тежи 2,7 килограми и најверојатно ќе го собори светскиот рекорд. Ова „чудовиште“ го добило прекарот „Toadzilla“ и било пронајдено во северната австралиска прашума.
Овој вид жаба е присутен во Австралија од 1935 година и е еден од најголемите штетници. Се проценува дека денес ги има повеќе од две милијарди.
Кога чуварката од паркот, Кајли Греј првпат го видел џиновскиот водоземец додека била на патрола во Квинсленд, не можела да им верува на своите очи.
„Никогаш не сум видела толку голема жаба. Изгледаше како фудбалска топка со нозе. Ние ја нарековме Toadzilla”, рече Греј.
Таа и нејзиниот тим ја фатиле жабата, за која се верувало дека е женка, и ја однеле во базата за да се измери. Знаеле дека е тешка, но сепак биле изненадени што веројатно ќе го собори светскиот рекорд. Официјалниот рекорд сè уште го држи жабата Принсен со тежина од 2,65 килограми.
Греј рече дека Toadzilla се хранела со инсекти, рептили и мали цицачи. Овој вид жаба нема природни предатори во Австралија, отровна е и прави хаос врз популацијата на автохтони животински видови.
Засега не е познато колку години има жабата, но се знае дека тие можат да живеат и до 15 години во дивината.
Toadzilla беше евтаназирана и ќе биде донирана во музеј во Квинсленд.