Конзорциумот на астрофизичари ја креираше најголемата тродимензионална мапа на универзумот, проект на кој работеле дури 20 години и кој ќе помогне за подобро да се разбере историјата на вселената.

Sloan Digital Sky Survey е проект во кој учествувале стотина научници од десетина институции ширум светот. Програмата со години собираше податоци врз кои беше извршено мапирање на универзумот со помош на телескопи.

Со помош на овие мерења кои опфаќаат повеќе од 2 милиони галаксии, научниците сега ќе можат подобро да разберат како се развивала вселената.

„Ја познаваме древната историја на универзумот и неговата неодамнешна историја на ширење прилично добро, но постои една дупка околу тоа како се развил. Пет години работевме за да ја пополниме таа празнина и ги обезбедивме некои од најважните исчекори во последната деценија“, изјави астрофизичарот Кајл Досон од Универзитетот во Јута кој го предводел тимот на научници кои ги објави резултатите.

3D мапата открила рани материјали кои ја дефинираат структурата на универзумот, почнувајќи од времето кога универзумот бил стар само 300 илјади години. Истражувачите мереле како вселената брзо се ширела низ историјата.

„Ова истражување ни овозможува сите тие мерења да ги поврземе во една целовита приказна за ширењето на универзумот“, изјави Вил Персивал од Универзитетот во Вотерлу.

Тимот исто така ја идентификувал мистериозната невидлива компонента на универзумот која се нарекува темна материја, поради што ширењето на универзумот започнало да се забрзува пред околу шест милијарди години. Од тогаш вселената само продолжила да се шири се побрзо и побрзо.

Извор: Klix.ba