Руската вселенска агенција Роскосмос сака да остане со проектот на Меѓународната вселенска станица (ISS) и по 2024 година и затоа работи со владата за да добие одобрение за нејзината одлука.

ISS беше лансирана во 1998 година со план да остане во орбитата до 2024 година, а американската вселенска агенција НАСА претходно објави дека има намера да го продолжи „животот“ на станицата до 2030 година. Шефот на Роскосмос, Јуриј Борисов, претходно навести дека Русија може да се повлече од проектот по 2024 година и да изгради сопствена вселенска станица, но подоцна беше најавено дека нема да има „ненадејни потези“, туку дека темелно ќе ја разгледа одлуката за можно повлекување.

Шефот на програмите за човечки вселенски летови на Роскосмос, Сергеј Крикалев, неодамна изјави дека руската агенција размислува да го продолжи своето учество во програмата ISS за уште најмалку четири години.

„Таква одлука треба да донесе Русија, а ние ги испративме соодветните документи до владата и понудивме да ја продолжиме мисијата на станицата“, додаде тој.

Руската влада побара дополнителни материјали со кои се докажуваат техничките можности за продолжување на проектот ISS и постигнатите договори со други министерства.

Роскосмос има намера да ги исполни барањата на владата по новогодишните празници.

За одржувањето на ISS во орбитата беше разговарано и со други учесници во проектот, имено со САД, Јапонија, Канада и неколку европски земји. Повеќето од нив го потврдија својот интерес за таков план.