Универзитетот во Пекинг го претстави амбициозниот план за изградба на најголемиот оптички телескоп во Азија.

Новиот телескоп ќе има отвор од 6 метри до 2024 година, додека огледалото ќе биде проширено на 8 метри до 2030 година. Проектот наречен Expanding Aperture Segmented Telescope (EAST), значително ќе ги зголеми можностите за оптичко астрономско набљудување на Кина.

Ако се оди според планот, новиот објект ќе стане првиот оптички телескоп од светска класа на источната хемисфера, ривал со телескопите на западната хемисфера како Мауна Кеа на Хаваи, Атакама во Чиле и телескопот на Канарските Острови.

EAST ќе биде изграден на планината Саишитенг во близина на градот Ленгху во провинцијата Кингхаи на надморска височина од 4.200 метри и ќе се состои од 18 хексагонални огледални сегменти, нешто слично на случајот со вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА. Дијаметарот на огледалото ќе биде 6 метри.

Втората фаза од проектот ќе вклучува додавање на прстен од уште 18 шестоаголни сегменти околу огледалото, така што до 2030 година дијаметарот ќе биде поголем од 8 метри.

Се проценува дека проектот ќе чини меѓу 69 и 84 милиони долари.

Кина веќе го изгради најголемиот радио телескоп во светот наречен FAST и има амбициозни планови да ја лансира големата вселенска опсерваторија Xuntian кон крајот на 2023 година. Xuntian ќе биде задолжен за големо истражување на вселената, а се очекува да започне со работа во 2024 година. За разлика од вселенскиот телескоп James Webb на НАСА, Xuntian ќе биде доволно блиску до Земјата за одржување. Ќе тежи повеќе од 10 тони и ќе биде со големина на автобус, ќе содржи напредни детектори, а ќе има отвор од два метри.

Кина, исто така, успешно го тестираше првиот вселенски телескоп познат како „окото на јастогот“, кој ќе им овозможи на истражувачите да направат прецизни снимки од вселената со рендген. Телескопот наречен Lobster Eye Imager for Astronomy (LEIA), тежи 53 кг и веќе има направено висококвалитетни фотографии од извори на рендгенски зраци во космосот.