Компанијата Apple ја проширува програмата „Self service repair“ и на европскиот пазар, давајќи им на корисниците пристап до оригиналните делови, алатки и официјални прирачници за избрани iPhone и MacBook уреди.

Пред извесно време, Apple ја претстави програмата Self service repair. Оваа програма, како што кажува нејзиното име, им дава можност на корисниците на производите на Apple сами да ги сервисираат своите уреди, без потреба да ги носат во сервисен центар.

Оваа програма сега е достапна и во некои земји на Стариот континент. Поточно, услугата сега е достапна во Белгија, Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Шведска и Велика Британија и им овозможува на корисниците во тие региони сами да ги поправаат своите уреди.

Самата програма во Европа опфаќа неколку серии и тоа – iPhone 12, iPhone 13, како и телефонот iPhone SE (2022), но не и најновата серија iPhone 14. Исто така, се поддржани Mac компјутери со Apple чипови, но не и најновиот M2 MacBook Air. Сепак, се очекува дека програмата наскоро ќе ги вклучи најновите уреди.

Цените на резервните делови во Германија се движат од 77 евра за замена на батерија на iPhone 13 до 330 евра за пакет за замена на екранот. Истите делови чинат 70 фунти, односно 282 фунти во Велика Британија. На корисниците кои ќе го вратат истрошениот или скршен дел на Apple ќе им се признае одреден дел со што цената на пакетот ќе биде пониска.

Eкранот и сензорот за капакот за MacBook Pro 14 чинат 734 евра во Германија, додека почетната матична плоча со 16 GB RAM и 512 GB внатрешна меморија чини 959 евра.

Изнајмувањето на комплет алатки за поправка на iPhone и MacBook уреди чини 59,95 евра за период од 7 дена.