Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, објави дека социјалната мрежа ги паузира претплатите за верификација на сметката до 29 ноември.

Повторното започнување на верификацијата се одложува додека не се постигне високо ниво на доверба во запирање на лажното претставување (онлајн). Најверојатно ќе се користат различни проверки за организации во споредба со поединци, напиша Маск во твитот, пренесува Ројтерс.

Таканаречениот „син знак“ (ознака за штиклирање) претходно беше резервиран за верифицирани сметки на политичари, познати личности, новинари и други јавни личности.

Опцијата за претплата „син знак“, која е отворена за сите што сакаат да платат, беше воведена претходно овој месец за да му помогне на Твитер да ги зголеми приходите додека Маск се бори да ги задржи огласувачите.

Маск исто така на Твитер објави дека социјалната мрежа додаде 1,6 милиони корисници минатата недела, што е „уште еден рекорд на сите времиња“.

Огласувачите на Твитер, вклучително и големите компании како General Motors, Mondelez International, Volkswagen, го прекинаа рекламирањето на оваа платформа поради контроверзните одлуки на новиот шеф на социјалната мрежа.

Се проценува дека стотици вработени на Твитер дале отказ минатата недела, откако Маск им дал ултиматум да се пријават за „долги работни часови со висок интензитет“ до четврток, 17 ноември – или да си заминат.