Болидот на Ферари со кој Михаел Шумахер го освои Светскиот шампионат во Формула 1 во 2003 година беше продаден на аукција за 13,1 милиони евра.

Аукциската куќа „Сотби“ во Женева објави известување дека за време на лицитацијата, која траела околу четириесет минути, телефонски била примена конечната понуда.

Пред пет години за 7,5 милиони долари беше продадено уште едно „ферари“ кое го возеше Шумахер во шампионатот во 2001 година, па на оваа аукција беше соборен претходниот рекорд, јави РТС.

Аукциската куќа предвиде дека максималната цена ќе биде околу 9,5 милиони евра, па оваа продажба ги надмина сите очекувања. Станува збор за „Ферари“ Ф2003-ГА, шасија 229, возилото со кое Шумахер ја освои шестата светска шампионска титула и претпоследна во неговата извонредна кариера. Со овој болид германскиот шампион извојува пет победи на девет трки, вклучувајќи го и Италијанското ГП во Монца.

Ферари е прогласена за една од најдобрите компании во Италија за 2022 година според условите за работа, како и за една од највредните италијански брендови. Непознат е идентитетот на лицето кое го купило „Ферарито“, но добро упатени извори претпоставуваат дека се работи за познат европски колекционер.

Болидот Ferrari F2003-GA од 2003 година беше дизајниран од Рори Бирн и Рос Браун. Има мотор од 930 коњи и достигнува 19.000 вртежи во минута. Во таа 2003 година, Михаел Шумахер освои шест победи – во Сан Марино, Шпанија, Австрија, Канада, Италија и САД.