Глечерите ширум светот, вклучувајќи ги и последните во Африка, ќе исчезнат до 2050 година поради климатските промени, соопштија ОН.
Третина од глечерите во светското наследство на ОН ќе се стопат во следните три децении, се наведува во извештајот на УНЕСКО. Последните глечери на планината Килиманџаро ќе исчезнат, како и глечерите во Алпите и националниот парк Јосемит во САД. Тие ќе се стопат без оглед на мерките што светот ги презема за борба против климатските промени.
Проекциите во извештајот се засноваат на сателитски податоци, а извештајот е објавен додека светските лидери се подготвуваат за средба во Египет, односно на конференцијата COP27 за климатски промени, која ќе се одржи следната недела.
Околу 18.000 глечери лоцирани во 50 места на светското наследство на ОН претставуваат речиси 10 проценти од вкупните глечери на Земјата и вклучуваат познати туристички локации и места кои локалното население ги смета за свети.
Повлекувањето и исчезнувањето на глечерите е „меѓу најдраматичните докази дека Земјата се загрева“.
„Се надеваме дека грешиме, но ова е солидна наука. Глечерите се еден од вредните показатели за климатските промени бидејќи се видливи. Ова е нешто што можеме да го гледаме како се случува“, рече претставник на УНЕСКО и еден од авторите на извештајот, Талес Карваљо Ресенде.
Останатите две третини од глечерите на локалитетите на светското наследство на ОН би можеле да се спасат, но само доколку светот го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени, а моментално нема „веродостоен пат“ за постигнување на таа цел.
„Историските податоци покажуваат дека ова се случува брзо. Во средината на 1900-тите глечерите беа стабилни, а сега имаме неверојатно брзо повлекување“, рече научникот од Универзитетот во Бафало, Беата Чато, која не беше дел од истражувањето.
Губењето на мразот на споменатите локации можело да предизвика покачување на нивото на морето помеѓу 2000 и 2020 година и до 4,5 отсто. Глечерите годишно губат 58 милијарди тони мраз, што е еднакво на количината вода што годишно ја користат Франција и Шпанија заедно.
Многу луѓе зависат од глечерите како извор на вода за домаќинствата и земјоделството, а нивното исчезнување може да резултира со недостиг на вода за време на сушните сезони. Локалните заедници и домородците се загрозени од поплави поради топењето на глечерите.
Фактите се јасни, човештвото мора да го ограничи глобалното затоплување.