Оние кои велат дека луѓето не треба да трошат толку многу време на вселенски мисии и вселенски технологии, очигледно забораваат или не се свесни за огромните придобивки што човештвото ги црпи од нив на Земјата.
Сега се користат многу сателити за подобро разбирање на климатските промени, а новата експериментална технологија на американската вселенска агенција НАСА, која е развиена за ладење на опремата во вселената, може драстично да го намали времето на полнење на електричните возила на само пет минути или дури помалку. Станува збор за техника наречена „субладено проточно вриење“ која го подобрува преносот на топлина од каблите за полнење и може драматично да го зголеми количеството електрична енергија што полначите можат да ја достават до возилата денес.
Ова всушност би го намалило времето на полнење на батериите на електричните возила, па дури и ќе овозможи полнење од 0 до 100 проценти капацитет за само пет минути или уште помалку.
НАСА тврди дека околу 1.400 ампери струја би требало да бидат доволни за полнење на батеријата на просечниот електричен автомобил за пет минути. Агенцијата вели дека напредните полначи испорачуваат струја до 520 ампери, а стандардните помали од 150 ампери.
Проблемот со над 520 ампери е што полначот ќе почне да генерира значително повеќе топлина, што го прави опасен за корисниците.
Сепак, НАСА тестираше технологија која може безбедно да ги лади каблите што носат висок напон, тим од Универзитетот Пурдју го спроведе експериментот Flow Boiling and Condensation Experiment (FBCE) во кој експерименти со двофазен проток на течност и пренос на топлина беа изведени во долгорочна микрогравитациска средина на Меѓународната вселенска станица (ISS). Во суштина, за тестирање на методот се користеа кабли со течно ладење. Течноста што се користеше за ладење на топлите кабли беше во субладена состојба, т.е. далеку под точката на вриење.
Користејќи FBCE технологија, тимот достигна 2.400 ампери по должината на кабелот со помош на вриење со субладен проток. Во експериментот, разладена течност била испумпана низ кабелот за полнење каде што ја апсорбирала топлината генерирана од проводникот што носи струја.
Треба да се напомене дека иако ова е многу повеќе од 1.400 ампери потребни за полнење на автомобил за пет минути, сепак е контролиран лабораториски експеримент и не е исто како тест во вистински автомобил во реални услови.
Сепак, НАСА истакнува дека новиот систем би можел да се користи за испорака на 4,6 пати повеќе електрична енергија од најбрзите достапни полначи за електрични возила со отстранување на 24,22 киловати топлина. Затоа, технологијата има потенцијал да реши голем проблем во процесот на усвојување на EV, сето тоа благодарение на фактот што првично беше дизајнирана и тестирана во вселената.