Акционерите на американскиот гигант Твитер речиси едногласно го одобрија договорот за купување на компанијата што го склучија со Илон Маск на почетокот на годинава.

Врз основа на прелиминарното сумирање на гласовите на акционерите, околу 98,6 отсто од нив на вонредната седница во вторникот го одобрија предлогот за усвојување договор за законски принудување на сопственикот на Tesla и Space X да започне со преземање на компанијата, откако тој еднострано го раскина договорот во јули.

Во април Маск се согласи да го купи Твитер за 44 милијарди долари, додека неговата моментална вредност се проценува на 32 милијарди долари. Но, Маск се повлече од договорот во јули, тврдејќи дека Твитер не ги исполнил неговите барања. Правниот тим на Маск тврдеше дека Твитер не му дал докази на Маск за да го поддржи нивното тврдење дека спам сметките сочинуваат само 5 отсто од нивните дневни активни корисници.

Твитер веќе го тужеше Маск во обид да го принуди да го заврши купувањето на компанијата за договорената цена од 44 милијарди долари.

„На Твитер продолжуваме да веруваме дека наводното раскинување на договорот е неважечко и неосновано и дека Маск се уште е врзан со договорот според кој е обврзан да го заврши спојувањето според договорените услови“, објави Твитер.