Кинеските научници тврдат дека откриле нов минерал на Месечината, што ја прави Кина третата земја која постигнала таков успех.

За време на прес-конференцијата, потпретседателот на кинеската управа за атомска енергија (CAEA) Донг Баотонг го објави името на новиот минерал, а тоа е Changesite-(Y).

„Ова е големо научно достигнување за Кина во областа на вселенската наука“, посочи тој.

Changesite-(Y) е колонообразен кристален фосфат минерал кој се наоѓа во лунарните базалтни честички.

Од 140.000 лунарни примероци честички, истражувачите од Истражувачкиот институт во Пекинг за геологија на ураниум идентификуваа, анализираа и интерпретираа една кристална честичка со радиус од околу 10 микрони користејќи софистицирани техники, вклучително и дифракција на Х-зраци.

Кинеската комисија за нови минерали, номенклатура и класификација (CNMNC) на Меѓународната минералошка асоцијација (IMA) го класифицираше Changesite-(Y) како нов минерал.

Тоа е шестиот нов минерал што луѓето го идентификувале на Месечината, а Кина сега им се придружи на САД и Русија, кои го направија истото.

Во 2020 година, кинеската мисија Chang’e-5 донесе примероци од лунарната почва на Земјата за прв пат по повеќе од 40 години. Во анализата на примероците учествуваа истражувачи од повеќе агенции, вклучително и Кинеската академија на науките, Министерството за образование и Министерството за природни ресурси.

Досегашните откритија имаат значително влијание врз разбирањето на формирањето и еволуцијата на Месечината, како и на напорите за одредување на најефикасните начини за користење на нејзините ресурси.