Телескопот James Webb на НАСА успеа подробно да го сними најстарото ѕвездено јато во подрачјето на маглината Тарантула, дел од галаксијата Голем Магеланов Облак, којашто е оддалечена 160.000 светлосни години од Земјата, откривајќи нови карактеристики што ги продлабочуваат претходните научни сознанија за ѕвездите во зародиш.
Ѕвездите во маглината, официјално наречена 30 Дорадус, долго време се подрачје на интерес за астрономите околу настанокот и формирањето ѕвезди. Благодарение на инфрацрвените инструменти на „Webb“ со висока резолуција, првпат се видливи илјадници млади ѕвезди, далечни галаксии и подробната структура на гасот и прашината во маглината.
James Webb е револуционерен вселенски телескоп вреден девет милијарди долари. Стопати е почувствителен од телескопот „Хабл“ и се користи за набљудување на пространството во инфрацрвениот спектар, што му овозможува да навлезе во облаците од гас и прашина во областите каде што се раѓаат ѕвездите.
Сликите откриваат постудени подрачја, како и досега невидени светлосни точки во ѕвезденото јато коишто укажуваат на ѕвезди во зародиш, или „протоѕвезди“, кои сѐ уште добиваат маса.
Интересот на астрономите за маглината Тарантула произлегува од нејзиниот хемиски состав сличен на оној на огромните пространства каде што ѕвездите се обликувале неколку милијарди години по Големата експлозија.
Астрономите се уверени дека James Webb најавува нова ера вселенски откритија.
Поврзани артикли