Основачот на SpaceX и Tesla, милијардерот Елон Маск објави дека сателитската широкопојасна услуга на Starlink е достапна во Украина.

Според него, SpaceX во моментов испраќа повеќе терминали во земјата чиј интернет е погоден од руската инвазија.

„Услугата Starlink е веќе активна во Украина. Доаѓаат повеќе терминали“, напиша Маск на Твитер.

Ова беше одговор на твитот на украинскиот вицепремиер Михаило Фјодоров, кој ја побара услугата.

Особено сериозен за украинскиот интернет е проблемот во источните и јужните делови на земјата, каде борбите досега се најжестоки.

И покрај екстремната сложеност на имплементацијата на сателитската технологија, таа може да обезбеди Интернет за луѓето кои живеат во рурални области или тешко одржувани места каде што има недостиг на оптички кабли и кули. Технологијата, исто така, може да биде критична поддршка кога ураганите или другите природни катастрофи ја нарушуваат комуникацијата, пишува Ројтерс.

На 15 јануари, Маск рече дека SpaceX има 1.469 активни сателити Starlink и 272 наскоро ќе бидат во оперативна орбита.