LG официјално го претстави својот прв свитлив OLED телевизор кој може да се користи како заоблен или целосно рамен екран.
Станува збор за модел на LG OLED Flex LX3 со екран од 42 инчи кој може да се свитка и да се користи како заоблен (900R) екран благодарение на најновата технологија на LG. Заоблените екрани се погодни за подобро искуство со играњето, додека рамните екрани се повеќе наменети за гледање ТВ содржини или услуги за стриминг.
Корисниците на LG OLED Flex можат автоматски да го свиткаат и да го приспособат телевизорот во заоблен режим со притискање на копче на далечинскиот управувач, за разлика од некои монитори што треба да се свиткаат рачно. Понудени се две различни поставки, но корисниците можат да ја приспособат заобленоста на екранот во чекори од пет проценти преку 20 различни нивоа.
LG го промовира 42-инчниот свитлив екран со фокус на гејмерите благодарение на низата функции кои се привлечни и корисни за сопствениците на конзоли и гејмерите на компјутери. LX3 поддржува играње Dolby Vision со резолуција 4K и стапка на освежување на сликата од 120 HZ, а исто така ги има и најновите функции на HDMI 2.1 како што се VRR (променлива стапка на освежување) и ALLM (автоматски режим на мала латентност). LG поддржува и Nvidia G-Sync или AMD FreeSync технологии, што е особено важно за квалитетно играње.
Овој телевизор дефинитивно изгледа како огромен монитор, особено затоа што има високо прилагодлив држач што ви овозможува да го навалите напред и назад. Има и режими за играње кои овозможуваат намалување на големината од 42 на 32 или дури 27 инчи. LX3 доаѓа со претходно инсталирана апликација за игра која вклучува скринсејвери и кратенки за Twitch и YouTube.
Гејмерите можат да го користат и режимот LG Multi View за да гледаат содржини од два различни извори истовремено, така што на пр. може да ја користи конзолата и да гледа видео на YouTube на телевизорот преку пренос од мобилен телефон.
LG всушност е меѓу првите компании што воведоа OLED телевизори со вистински виткање. Се уште не е позната цената на моделот LG OLED Flex TV, ниту пак датумот на почеток на продажбата.
Поврзани артикли