Американската вселенска агенција НАСА избра 13 потенцијални локации за слетување на Месечината и воспоставување долгорочно присуство на лунарната површина.
Целта на НАСА е да ги врати астронаутите на Месечината до 2025 година, а потенцијалните зони за слетување се наоѓаат во близина на лунарниот јужен пол.
„Изборот на овие региони значи дека сме еден огромен чекор поблиску до враќање на луѓето на Месечината за прв пат по мисиите Аполо“, рече Марк Кирасич, еден од администраторите на програмата Артемис. Последен пат луѓето биле на површината на Месечината во 1972 година.
Кирасич истакна дека мисијата од програмата „Артемис“ „ќе се разликува од сите претходни“, бидејќи астронаутите ќе се најдат во темните и претходно неистражени делови на Месечината и ќе ги постават темелите за идните подолги престои.
Големината на секој локалитет е 15 x 15 километри, а тие се наоѓаат на шест степени географска широчина од јужниот пол на Месечината и имаат различни геолошки карактеристики. Според Џејкоб Бличер, главен истражувачки научник во седиштето на НАСА, секој регион има најмалку 10 потенцијални места за слетување.
Кога НАСА избираше зони за слетување, научниците и инженерите се потпираа на податоците собрани од Lunar Reconnaissance Orbiter, беспилотно вселенско летало што сега орбитира околу Месечината, и податоци собрани со децении. Регионите беа избрани со разгледување на многу аспекти, вклучувајќи го времето на лансирање, шансите за безбедно слетување, наклонот на теренот, леснотијата на комуникација со Земјата и условите на осветлување.
Сите 13 локации обезбедуваат континуирано осветлување во период од 6,5 дена, колку што е планираното времетраење на мисијата Артемис III на Месечината. Сончевата светлина е од суштинско значење за долгорочен престој на површината на Месечината бидејќи служи како извор на енергија и ги минимизира температурните флуктуации.
НАСА планира да испрати астронаути на Месечината со помош на системот Starship развиен од SpaceX. Првата орбитална мисија на системот е планирана за оваа година.
Поврзани артикли