Кога се појави iPhone 12 линијата, многумина го пофалија најмалиот модел во серијата – iPhone 12 mini. Беше изненадување, бидејќи се очекуваше премиум iPhone 12 Pro Max да биде главната сензација, но се покажа дека помалиот формат е пријатно изненадување за оние корисници, кои повторно сакаа да го користат телефонот со една рака.

Сепак, оваа популарност не се пренесе и на реалната продажба, а претходно беше објавено дека Apple го намалил производството на iPhone 12 mini моделот поради недостаток на побарувачка на пазарот. Сега, според информациите на Вилијам Јанг, аналитичар на компанијата JP Morgan, се чини дека Apple може во целост да престане да го произведува iPhone 12 mini.

Аналитичарот смета дека Apple би можел да престане да го произведува телефонот во текот на вториот квартал од оваа година, поради слабата побарувачка. Ова се базира на податоци кои сугерираат дека поголемите iPhone 12 модели значително ги надминуваат помалите модели во однос на продажбата.

Постојат неколку причини поради кои iPhone 12 mini можеби не ги остварува посакуваните резултати. За почеток, се сугерира дека работниот век на батеријата на телефонот е многу лош. Покрај тоа, постојат поевтини алтернативи во iPhone линијата, како што се iPhone SE 2020 или iPhone 11, што значи дека има помалку причини да се купи iPhone 12 mini.